Што прават бубрезите?

Бубрезите се од витално значење за функционирањето на вашето тело. Нивните главни функции се филтрирање на отпадните материи од вашето тело ; балансирање на нивото на соли, минерали и вода што за возврат помага да се регулира вашиот крвен притисок. Тие се вклучени во активирањето на витаминот Д во форма во која вашето тело може да го користи за апсорбирање на калциумот од храната и со тоа придонесува вашите коски да останат цврсти. Тие учествуваат и во производството на црвени крвни зрнца.

Каде се наоѓаат вашите бубрези?

Вашите бубрези се наоѓаат од двете страни на вашиот ‘рбет под градниот кош и зад вашиот стомак. Ставете ги рацете околу вашите колкови и придвижете ги нагоре додека со прстите не ги почувствувате ребрата, вашите бубрези се од задната страна под вашите палци. Не можете да ги почувствувате, но тие се таму, сместени длабоко во вашето тело. Повеќето луѓе имаат по два бубрега, но можете да живеете нормално и само со еден. Поради тоа можно е едниот да го донирате за трансплантација на некој друг. Вашите бубрези имаат форма на гравчиња и големина на тупаница.

kidney.jpg
Како работат вашите бубрези?

Во зависност од вашата тежина, имате околу 4,5 – 6,5 литри крв што постојано циркулира низ вашето тело. Кога вашето тело ќе ги земе потребните хранливи состојки од храната и од пијалаците, некои отпадни продукти се враќаат во крвта. Бубрежните артерии ја носат оваа крв во вашите бубрези каде што таа се филтрира преку околу милион микроскопски мали нефрони. Потоа, крвта ги напушта бубрезите преку бубрежните вени додека исфилтрираните отпадни материи и вишокот на вода ги напуштаат бубрезите преку мочоводите, како урина, се собираат во мочниот меур и се исфрлаат преку мочниот канал.

Секој ден низ вашите бубрези минуваат околу 1.500 литри крв. Повеќето бубрежни болести се јавуваат кога нефроните ја губат способноста за филтрирање и може да се задржи опасно ниво на течности и на отпадни продукти.