Перитонеалната дијализа се врши внатре во вашето тело без вашата крв да мора да циркулира преку машина и вообичаено можете да ја правите дома.
Ќе ви обезбедиме целосна обука, обично во траење од една седмица, покажувајќи како да се приклучите и да се исклучите од машината, како да ја направите размената на течностите и како да се справите со проблемите. Откако ќе бидете спремни да почнете со дијализа дома, ќе организираме редовна испорака на сите потребни материјали.
ПД: процесот
Најмалку две седмици пред да почнете со ПД ќе треба да ја посетите клиниката за да ви биде поставен катетер низ вашиот стомачен ѕид во вашата стомачна шуплина. Тоа го прави хирург или нефролог под општа или локална анестезија. Катетерот останува поставен засекогаш со мал дел што излегува низ кожата за поврзување со ќесите со кои ќе биде внесена и отстранета течноста. Ќе ви биде покажано како да ги одржувате чисти катетерот и влезното место бидејќи тоа е од витално значење за да се избегне инфекција.
Во секој циклус на третман ќе го користите катетерот за да внесете стерилен раствор за дијализа во вашиот абдомен. Течноста ќе остане таму 4-12 часа и овој процес ќе треба да го повторите 3 до 5 пати на ден, процес наречен континуирана амбулантска перитонеална дијализа (КАПД) или може да се врши во текот на ноќта со помош на машина, процес наречен автоматизирана перитонеална дијализа (АПД).
Причината зошто водата се отстранува од вашата крв на овој начин е дека течноста за дијализа има висока концентрација на гликоза и тоа ја извлекува водата од вашата крв низ вашата сопствена перитонеална мембрана. Овој процес е наречен „ултрафилтрација“. Откако тоа ќе се случи, кога ќе се отстрани течноста, таа со себе ги зема отпадните продукти и вишокот на вода од вашето тело.
Која е разликата помеѓу КАПД и АПД?
И КАПД и АПД се вршат дома или на место по ваш избор. Освен ако немате потреба од наша помош или совет, обично ќе го посетите центарот само за првичното ставање на перитонеалниот катетер и за прегледи.
КАПД опфаќа 3-5 размени на течности секој ден додека АПД се врши преку ноќ. Една предност на КАПД е дека подобро може да помогне да се зачува преостанатата бубрежна функција отколку со АПД.
Кај КАПД, околу 2 литри раствор за дијализа се внесуваат во вашиот абдомен преку катетерот. По 4-12 часа („време на престој“), оваа течност заедно со отпадните продукти и вишокот на вода се испушта и во вашиот абдомен се внесува нов стерилен раствор. Оваа „размена“ главно ја користи гравитацијата и трае 20-40 минути, 3-5 пати дневно. Во сето друго време можете слободно да се движите што ви овозможува да работите, да учите, да вежбате или да патувате.
АПД ги следи истите принципи како и КАПД, но размената се извршува додека спиете со помош на машина „циркулатор/сајклер“. Тоа може да биде предност бидејќи преку денот сте слободни. Обично ќе ви требаат околу 10 дена да научите како да ја користите оваа машина.
Циркулаторот/сајклерот внимателно и автоматски ја мери течноста што е потребна за секоја размена и времето на внесување, престој и испуштање, отстранувајќи го метаболичкиот отпад и вишокот на вода од вашето тело во текот на 8-10 часа. Веднаш пред да се исклучите од машината, наутро, може да внесете раствор за „последно полнење“ кој останува во вашата стомачна шуплина во текот на денот што може да бара уште една размена пред вашата ноќна дијализа.
Уредот за АПД е со големина на мал куфер со тркалца и е лесно пренослив. Машината е проектирана да се адаптира на вашите нормални навики на спиење и може да го прекинете третманот ако во текот на ноќта треба да станете од креветот.
Поновите машини за АПД имаат податочни картички што можат да се програмираат да ги содржат деталите за пропишаниот третман и кои можат да прибираат податоци за секоја сесија на дијализа. Во моментов, Диаверум ги нуди овие машини на пациенти во Обединетото Кралство и во Германија.
Како и кај КАПД потребен е одреден простор во домот за чување на уредот за АПД и на материјалите за дијализа.