Нели е животот прекрасен? Би сакал да почнам на овој начин бидејќи се чувствувам како многу среќен човек.
Ви пишувам од едно прекрасно и мирно место. Во моментот сум покрај Мртвото море, во Израел, со поглед на планините во Јордан. Овде сѐ е тивко и мирно и под влијание на ова чувство би сакал повеќе да ви раскажам за мојата авантура. Сакам да ви раскажам за тоа како еден бубрежен пациент може да има исполнет живот.
Се уште многу добро го паметам денот кога започнав со дијализа. Тоа беше на 19 април 2017 година. Отидов во операционата сала да ми постават катетер и веднаш потоа почнав со дијализа. Тоа беше тричасовен третман. Тогаш не зборував многу за тоа бидејќи не сакав да ја прифатам оваа ситуација. Не беше лесно да се прифати и се сеќавам дека им се јавував на пријателите и на семејството да видам дали некој има крвна група компатибилна со мојата. Не се појави соодветен донор.
Десет дена потоа се роди мојот син Гиљерме. Најголемата љубов на мојот живот беше тука, во моите раце, тежок нешто повеќе од 3кг. Се сеќавам дека помислив: Сега, јас избирам да живеам за тебе.
Токму тие десет дена ми беа потребни за да го разберам тоа што требаше да го разберам: Сѐ. Како функционира сѐ. Започнав да се интересирам за болеста и процесот на дијализа. Токму во тој момент одлучив дека болеста нема да биде посилна од мене и затоа сакам да ги споделам со вас четирите чекори кои ме доведоа онаму каде што сум денес: посреќен од кога било и живеејќи го мојот животен сон.
Прв чекор – Бришење на мислите кои се лоши за нас
Мојот медицински извештај покажуваше дека имам неспособност од 71,4%. Моето тело беше толку уморно по третманите, што наредниот ден го поминував спиејќи или одморајќи се. Се гледав во огледало и се сожалував. Имав само 28 години и очекував иднина во која нема да работам и ќе го поминувам целото време врзан за машина.
Нашата прва помисла често пати е: Како ќе ме гледаат другите сега? Ова се зборовите кои нашите умови ги процесираат и кои нѐ тераат да се жалиме за сѐ на сите околу нас. Ова се зборовите кои што нѐ тераат да веруваме дека никој повеќе нема да нѐ сака. Во тој момент, го губиме допирот со вистинската вредност што ја имаме. Токму тука, сметам дека се случува првата битка: бришење на лошите мисли. Тоа што почнав да ја разбирам болеста и лекувањето беше многу важно за мене за умствено да го разберам фактот дека овој процес, третманот, е она што ми овозможува да останам жив.
Можеме да бидеме навистина среќни само откако ќе сфатиме дека дијализата не е нешто лошо. Напротив, среќни сме што постојат овие третмани, кои што нѝ овозможуваат да продолжиме со своите животи со оние кои што ги сакаме и да продолжиме да го правиме тоа што го сакаме. Откако ќе го сфатиме ова, можеме да го направиме следниот чекор. Сега, јас сум уште повеќе благодарен за сите добри работи во животот и престанав да губам време на сожалување и плачење.
Втор чекор – препознавање на своите можности
Во што сум добар? Што навистина сакам да правам? Отворив туристичка агенција во февруари 2017 година и за прв пат во животот станав самовработен. Тоа не беше нешто што го планирав, туку нешто што се случи. Вложив многу пари за да правам нешто што навистина уживам да го правам.
„Но, ако сум уморен по секоја дијализа, дали ќе можам воопшто да работам?“ Стравовите за иднината ме натераа да барам повеќе од себе. Барав повеќе отколку што можев да направам. Морам да ви кажам: живеев во состојба на постојано незадоволство бидејќи не можев да ги постигнам целите што си ги поставив. Не беше лесен процес, но почнав да сфаќам дека наједноставниот начин за понатаму е да поставувам јасни и остварливи цели.
Најпрво, се обидов да осознаам кои се моите квалитети, како професионалец. Потоа, прифатив дека ќе има денови кога ќе бидам фрустриран. Се научив да ги намалувам моите очекувања кога однапред знаев дека ќе ми биде тешко да ги остварам моите цели. Оттогаш, сѐ се промени. Решив дека деновите кога имав дијализа ќе ми бидат слободни, а дека деновите кога немав третман ќе ми бидат „најдобрите“ денови кога треба да работам двапати повеќе за да надоместам за деновите кои сум ги „загубил“ одморајќи се. Ова придонесе да се почувствувам полн со енергија. Сакам да работам со чувство на цел, пристапувајќи им на своите потенцијални клиенти со обновен и зајакнат дух. Резултатот: продажбата се вивна. Целите кои што ги поставував за да успее мојата компанија почнаа да вродуваат со плод и сѐ почна да се одвива многу подобро.
Од исклучителна важност е да прифатиме да се прилагодиме на реалноста, за да можеме да живееме живот во кој сме среќни и способни да се справиме со било што и да ни донесе денот.
Трет чекор – Фокус кон сегашноста
Многумина од нас ја планираат иднината. Ова е нормално и разумно да се направи. Сепак, не смееме да заборавиме дека нашите животи се случуваат сега. Повторно треба да ги погледнеме плановите што сме ги направиле, за да не паднеме во замката на неуспехот. Тоа повторно може да доведе до неприфаќање. Постојаното насочување кон сегашноста ја прави драгоцена секоја секунда од секој ден и на тој начин избегнуваме губење на време (и денови) нервирајќи се поради себеси и другите околу нас. Доколку останеме фокусирани на сегашноста и ако запомнеме дека животот се случува сега, ќе уживаме со секоја победа, кога ќе оствариме некоја цел која сме ја поставиле. Како резултат на тоа, ќе се чувствуваме посреќни. Размислувањето „добар сум во тоа што го работам“ дава чувство на благосостојба и љубов, дури и при наједноставните активности во нашето секојдневие.
Четврт чекор – Прифаќање на себеси и падовите, учење од грешките и секогаш да се биде благодарен
Прифаќањето на себеси ни овозможува да видиме како можеме да почнеме одново. Дијализата е всушност тоа: повторен старт. Животот треба да се промени за да го вклучи она што ни овозможува да продолжиме да живееме. Ослободување од чувството на инфериорност кое што произлегува од тоа што се споредуваме со луѓето кои не мора да поминуваат низ истите работи како нас и не мора да „поминуваат одредено време врзани за машина“ е еден чекор во насока на подобро третирање на себеси. Ова може да има огромно влијание – било на работа, со семејството или во секојдневни ситуации како што е возење во сообраќаен метеж. Бидејќи времето поминато на третман одзема од слободното време, треба да го искористиме времето кога не сме на третман и да го живееме со 200% интензитет!
Да се живее, значи да се прават грешки, но исто така да се подобруваме преку нив. Сите ние треба најдобро што може да ги искористиме нашите ограничувања за да станеме подобри луѓе и да инспирираме други луѓе со својот пример. Ова е подобро отколку да мислиме дека имаме право да се жалиме за сѐ околу нас само затоа што можеби се чувствуваме дека сме помалку вредни од другите. Не сме!
Да се биде благодарен е најдоброто чувство што некој може да го има. За едноставните работи, како и за работите кои тешко сме ги добиле и за кои требало да се бориме. Со тоа што сме благодарни, си кажуваме: јас сум победник и оваа болест нема да ја има главната улога во мојот живот.
Токму така се чувствувам сега: Јас сум победник. Дали и вие сакате да бидете победник?